ВО ПРЕСРЕТ НА КОНЦЕРТОТ НА ГОДИНАТА ВО ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА!
Центарот за култура ги прави последните подготовки за реализација на годишниот концерт на тетовската рок група „Елита 5“. Во пресрет на овој концерт, денес во просториите на Центарот за култура беше организирана и прес-конференција, на која пред медиумите се обратија директорот на Центарот за култура, Вулнет Фејзулаи, како и двајцата членови на групата, Ариф Зибери и Неџат Вирус Мујови.
„Во пресрет на овој концерт имаме чест и задоволство на сцената на Центарот за култура да ги имаме најпочитуваните тетовски уметници, кои ексклузивно за публиката ќе изведат богата програма од албумите на групата ‘Елита 5’. Повеќе од два часа тие ќе ги воодушевуваат своите обожаватели“, изјави директорот на Центарот за култура, Вулнет Фејзулаи. Тој им се заблагодари и на Министерството за култура за поддршката на овој проект, како и на медиумите кои континуирано ги следеа сите активности, а особено за големиот интерес што го покажаа за овој концерт.
Неџат Мујови – Вируси изјави дека „по 32 години се враќаме во Центарот за култура, токму таму каде што ги направивме првите чекори како група. Иако е мала, оваа сала зрачи со голема топлина. Среќни сме кога ја имаме поддршката од нашите сограѓани. Посебна благодарност упатувам до Министерството за култура и до Центарот за култура. Сакам да кажам дека неколку месеци се подготвувавме за овој концерт“. Понатаму, Мујови додаде дека групата пред една недела ја промовираше и својата најнова песна со наслов „Добра ноќ“, која за првпат ќе биде изведена на утрешниот концерт. Тој исто така им се заблагодари на медиумите за нивното присуство и медиумската поддршка. Во врска со програмата, додаде дека таа е поделена на три дела.
Солистот Ариф Зибери на оваа прес-конференција високо го оцени ангажманот на персоналот на Центарот за култура, заедно со директорот, кои неуморно работеа на реализацијата на овој концерт, како и Министерството за култура, а особено државниот секретар во Министерството за култура, Арлинд Хусеини, кој овозможи овој концерт да се реализира.
Зибери меѓу другото изјави: „Многу ми е драго што по 32 години повторно се враќаме со концерт во Центарот за култура. Емоциите се големи бидејќи токму од тука ја започнавме нашата музичка кариера. Оваа сала ми се допаѓа поради нејзината акустика. Ќе ги изведеме сите хитови од нашите албуми, како и најновата песна. Веруваме дека спомените и задоволството ќе бидат заемни, и за нас и за публиката“, заврши солистот Зибери.
Ве информираме дека концертот ќе се одржи утре, во петок, на 31 мај 2024 година, со почеток во 20:00 часот.







